СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ РАСПРАВА ЗА РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ЗА 2021 ГОДИНА 06.7.2021

На претстојната седница на Советот на Град Скопје ќе биде разгледуван Предлог за изменување на Буџетот на Град Скопје за 2021 година со кој е предвидено негово зголемување за 7,4 проценти, поточно зголемување за 531.264.000 денари. Со овој ребаланс наместо предвидените 7.207.490.000, Град Скопје во текот на 2021 година планира да потроши вкупно 7.738.754.000 денари.

Зголемувања се прават во основниот буџет на Град Скопје, во износ од 650 милиони денари, како и кај буџетот на донации, каде што се предлага зголемување на средствата во износ од 10,9 милиони денари. Намалувања имаме кај буџетот на дотации, каде што се врши намалување во износ од 29,6 милиони денари, како и во буџетот на кредити, каде што се предлага намалување за 100 милиони денари.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и за Предлог- Одлуката за формирање на Координативно тело „Скопје 2028 – кандидат за Европска престолнина на културата“, со која се предлага формирање на специјално тело чија цел е координирање на активностите што произлегуваат од кандидатурата за оваа титула. Истото, би било составено од претседател, заменик-претседател и 19 членови, а истите претставници се вработени во Град Скопје, Владата на РСМ и министерството за култура, јавните културни институции на Град Скопје и РСМ, како и претставници на граѓанското општество.

Дополнително, Советот ќе расправа и за одлуката за доделување на награда во износ од 100.000 илјади денари на Дрита Исљами, за постигнатиот успех, освоено прво место на Европското екипно првенство во атлетика трета лига во Лимасол - Кипар, на 400 метри со пречки поставувајќи нов државен рекорд.

Покрај за овие точки, советниците ќе расправаат и за повеќе извештаи, програми за работа и одлуки од објаста на работењето на јавните претпријатија и градските културни институции.