ОД ДЕНЕСКА СКОПЈЕ СО НОВ БУЛЕВАР – ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА БУЛЕВАРОТ ХРИСТИЈАН ТОДОРОВСКИ КАРПОШ 07.5.2020

Градот Скопје од денеска е побогат за уште една важна сообраќајница - булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Оваа нова сообраќајна врска која ќе овозможи развој на северниот дел од градот денеска и официјално беше пуштена во употреба, во присуство на градоначалникот Петре Шилегов кој се обрати пред присутните. На настанот присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалниците на општините Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари - Велимир Смилевски, Борис Георгиевски и Курто Дудуш, како и претставници од јавните претпријатија.

  • Северниот дел од градот за првпат е целосно поврзан со булеварско решение од обиколницата до централното градско подрачје. Новиот булевар е со вкупна ширина од 40 метри, со вкупно 6 коловозни ленти од по 3,5 метри (по 3 ленти во двата правци), велосипедски патеки од двете страни со ширина од 2,5 метри, пешачки патеки од двете страни со променлива ширина и простор за средишно зеленило и зелен појас од двете страни на булеварот. На новиот дел од булеварот Христијан Тодоровски Карпош е поставена нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, како и целосно ново улично осветлување со 140 столбови. Очекувам наскоро по овој булевар да проаѓаат и некои линии на јавниот превоз што дополнително ќе го намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот – рече денеска Шилегов.

За изградбата на оваа делница во должина од два километра, која се протега од крстосницата со булеварот Босна и Херцеговина до клучката на скопската обиколница, Град Скопје потроши 285 милиони денари или околу 4,6 милиони евра со вклучен ДДВ. Овој нов булевар ќе овозможи побрз излез на обиколницата за околу 100.000 граѓани кои живеат во северниот дел од градот, особено од Чаир, Скопје Север, Топанско поле и од Железара, со што ќе се релаксира сообраќајот во целиот град.

  • За потсетување, досега единствената сообраќајна опција за поврзување со централниот дел од Скопје на неколку десетици илјади жители од Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево и други населени места беше улицата Бутелска, на која се создаваше голем сообраќаен метеж. За овие граѓани булеварот Христијан Тодоровски Карпош ќе биде нова сообраќајна алтернатива. Со изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош го завршивме едно од најдолгите поврзувања на релација север-југ кое почнува со улицата Бихаќка во населбата Црниче, продолжува речиси праволиниски по булеварите Кочо Рацин, Крсте Мисирков и Цветан Димов, па преку Христијан Тодоровски Карпош се поврзува со скопската обиколница. Повеќепати досега имам нагласено дека за разлика од поврзувањата на релација исток-запад, во Скопје историски многу помалку било работено на поврзувањата север-југ, што впрочем граѓаните кои се движат во овие правци секојдневно го чувствуваат. Ваквата состојба мора да се промени и затоа ќе продолжиме да го менуваме тоа со цел нашиот град да добие одржлив, ефикасен и безбеден сообраќај – нагласи Шилегов.

Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја приспособат брзината на движење на условите на патот, повеќе да практикуваат одржливи форми на мобилност како пешачењето, возењето велосипед и користењето јавен превоз. Со ова, рече Шилегов, чекор по чекор во исто време ќе имаме и поефикасен сообраќај и поздрава животна средина во Скопје кое е наш заеднички дом.