Се расчистуваат две диви депонии во Аеродром во рамки на пролетната акција на Градот Скопје 07.4.2022

Успешно се спроведува работната пролетна акција на Градот Скопје заедно со градските јавни претпријатија на територија на општина Аеродром.

Екипи на ЈП Паркови и зеленило во рамки на пролетната акција работат на булеварот Србија, а активностите утре продолжуваат на булеварот АСНОМ. До крајот на акцијата ќе се работи и на булеварите Февруарски поход, Видое Смилевски Бато, Јане Сандански, Кузман Јосифовски Питу, Трета македонска бригада и на улицата 12 Македонска бригада.

Екипите на ЈП Улици и патишта во текот на големата акција работат на булеварот Февруарски поход. Извршена е санација на оштетените бекатон плочи на пешачките патеки од улицата кај бензиската пумпа на „Макпетрол“ и на патеката спроти ОУ„Ѓоргија Пулевски“ со вкупна површина од 23 квадратни метри. Вработените во претпријатието коишто ја одржуваат сообраќајната сигнализација на градските сообраќајници обележаа две автобуските постојки на булеварот Февруарски поход и ја обновија вертикалната сигнализација со 7 знаци, што биле турнати и се исправени, како и со 2 нови сообраќајни знаци.

ЈП Улици и патишта извршија контрола и обиколка и на семафоризираните крстосници во општина Аеродром и се санирани недостатоците на семафорите кај „Мајчин Дом“, односно на крстосница на булеварот Јане Сандански со улицата Васко Карангелевски и на крстосницата на улицата Фрањо Круз со булевар Кузман Јосифовски Питу.

Во соработка со Град Скопје и Општина Аеродром, заловувачките екипи на ЈП Лајка оваа недела постапуваат на локациите кај Универзитетот „American College“, трговскиот центар Капитол и околу Железничката станица.

Сите заловени кучиња ќе бидат загрижени во прифатилиштето на ЈП Лајка, каде ќе го поминат целиот хуман третман. По завршувањето на хуманиот третман ќе бидат објавени за вдомување на социјалните мрежи и веб страната на претпријатието. Оние кои нема да бидат вдомени по истекот на нивното време за престој во прифатилиштето на ЈП Лајка, ќе бидат вратени на матичната локација.

Екипите на ЈП Водовод и канализација работат на булеварите АСНОМ, Јане Сандански, Кузман Јосифовски Питу, Февруарски поход, како и на улицата 12 Македонска бригада. На терен се врши површинско и рачно чистење на сливници, рачно чистење на шахти (фекални и атмосферски) и миење со цистерна вакуум и цистерна под притисок на фекални и атмосферски сливници и шахти.

Во рамките на оваа голема акција, ЈП Комунална хигиена покрај активностите за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите, денеска ќе започне и со отстранување на две диви депонии лоцирани во оваа скопска општина.

ЈП Комунална хигиена постави и специјални садови за кабаст отпад на неколку локации, каде што граѓаните ќе можат да го остават, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација од ова градско претпријатие.

1. Населба: Јане Сандански (04.04.2022-10.04.2022)
Бул. АСНОМ бр.68;
2. Населба: Ново Лисиче (04.04.2022-10.04.2022)
бул. Видoe Смилевски Бато бр.19;
3. Населба: Ново Лисиче (04.04.2022-10.04.2022)
бул.АСНОМ бр.5 (кај „Рамстор“);
4. Населба: Лисиче (04.04.2022-10.04.2022)
ул.Ернест Телман кај препумпната станица;
5. Населба: Лисиче (08.04.2022-10.04.2022)
ул.Димитар Туриманџовски (спроти Спорт лајф);
6. Населба Стар Аеродром (04.04.2022-07.04.2022)
ул.Коста Новаковиќ бр.48 (23 Октомври бр.29);
7. Населба: Мичурин (08.04.2022-10.04.2022)
ул.Анастас Митрев, зад картонажата, кај трансформаторот.

Јавното претпријатие Дрисла во рамките на акцијата ќе го прима, складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе биде собран на територијата на општина Аеродром.

Пролетната акција во општина Аеродром ќе трае до 10-ми април, а потоа теренските екипи на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во наредната општина којашто е планирана, каде што ќе работат на точно утврдени локации по примерот на општина Кисела Вода, Карпош и општина Аеродром.