СЕ ГРАДИ НОВА ВОДОВОДНА ЛИНИЈА НА УЛИЦА БЕЛГРАДСКА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР 07.06.2021

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар,  Саша Богдановиќ и директорот на Јавното претпријатие Водовод и канализација, Душко Вескоски,  денеска извршија увид во градежните активности  за изградба на новата водоводна мрежа во должина од 1000 метри на улица Белградска во општина Центар.

Со изградбата на новата водоводна мрежа, што го опфаќа  делот на  улица Белградска  од крстосницата со булеварот Мајка Тереза до крстосницата со улицата Димче Мирчев, се обезбедува оформување на циркулационен прстен, односно поврзување на два големи цевковода.

Оваа водоводна мрежа е со лиено дуктилни цевки со дијаметар од 200мм и ќе овозможи подобрување на притисокот во водоводната линија за сите корисници во  тој дел на Центар.

На новата мрежа ќе се поврзат и дел од болниците во Клинички центар Мајка Тереза, како Универзитетска клиника за хематологија Скопје  и Институтот за трансфузиона медицина, а Универзитетската клиника за детски болести ќе добие сосема нов приклучок.

Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје за реализација на овој зафат издвои 14.500.000 денари.