ШИЛЕГОВ: СИТЕ СМЕ ОД ИСТА СТРАНА ВО БОРБАТА СО ПАНДЕМИЈАТА ОД КОРОНАВИРУСОТ 07.9.2021

Градоначалникот Шилегов денеска учествуваше на Првата годишна конференција што ја организира Министерството за финансии на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“, каде што имаше можност да размени искуства од досега преземените мерки,  како и можните опции за  понатаму, во однос на предизвикот што го наметна пандемијата со коронавирусот.

- Како што кажува самиот наслов на денешнава конференција, се наоѓаме на иста страна и ние претставниците на јавните институции на извршната власт и локалната самоуправа кои работат во служба на граѓаните, но и претставниците на бизнис секторот, меѓународните партнери за развој, експертската јавност, граѓанските организации кои исто така работат со граѓаните и за граѓаните. Целта на оваа конференција е да поттикне синергија на идеи и иницијативи од креаторите на политики и сите овие засегнати страни за подобрување на политичкиот дијалог за економски и финансиски теми од национално, регионално, но и  од локално значење. Пандемијата на коронавирусот ги затекна сите држави и сите градови  во светот речиси неподготвени. Сите знаеме дека самиот факт што се справуваме со нов и опасен вирус, за сите нас значеше дека не постои универзална процедура за справување со здравствените и економски последици, која сите треба да ја следиме. Тоа во превод значеше дека бевме принудени да импровизираме со брзи промени на системот на сите нивоа коишто освен буквалното спасување на животите и здравјето на граѓаните, треба да ја спасат нивната социјална сигурност преку справување со економските последици кои понекогаш подразбираат кратење на плати, отпуштање на работна сила, појава на сива економија и ред други непопуларни појави – рече Шилегов.

Тој додаде дека Град Скопје на почетокот на април минатата година одржа седница на Советот на која беа усвоени низа мерки со кои Градот се обиде  да и помогне на локалната економија, особено во делот на градежништвото и угостителството.

- Во делот на градежништвото се откажавме привремено од изградбата на Луна Паркот, започнавме градежна офанзива на изградба и реконструкција на над 20 градски сообраќајници со цел да ги помогнеме домашните фирми во областа на градежништвото, овозможивме комуналите да можат да се плаќаат на 18, наместо на досегашните 12 рати. Дополнително олеснување кое ги засегаше најмногу угостителите беше намалувањето на комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат (колкава што е минималната цена дозволена со закон) за цела 2020 година; ја намалуваме фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020 (што исто така е законски минимум). Онаму каде што дозволуваа просторните услови дозволивме и поставување на дополнителни маси на јавните површини, со цел да овозможиме угостителите да го запазат потребното растојание меѓу масите. Им препорачавме на Училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта  да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба – кажа Шилегов во своето обраќање пред присутните.

Тој дополни и дека, за жал,  како локална самоуправа, во рамките на постојните законски определени надлежности, градот има сериозно лимитирани можности за воведување на дополнителни мерки кои би ги олесниле економските последици.

- Зимата е пред нас, новиот бран на коронавирусот повторно ја прави состојбата критична, и покрај вакцинацијата на населението која се одвива во полна пареа. Затоа мораме да бидеме чекор пред времето и да изнајдеме нови начини и модалитети за пребродување на периодот што следи. Во овој дел сакам помалку да зборувам, а повеќе да слушам. Она што можам да го кажам од оваа позиција и од оваа временска дистанца е тоа дека Град Скопје останува отворен за соработка да помогне во рамките на своите можности и надлежности. Се надевам дека тоа што ние го преземаме во делот на мерките за олеснување на економските последици од пандемијата, заедно со мерките кои ги презема Владата,  барем малку ќе го олеснат функционирањето на бизнис секторот кој е единствениот сектор кој создава вредност во секоја економија. Убеден сум дека и преку размената на идеи во рамките на оваа конференција сите заедно ќе придонесеме кон подобрување на кохерентноста на политиките и зајакнување на процесот на планирање на буџетот. Препораките за политики и вредните сознанија што ќе произлезат од неа ќе послужат како важен инпут во фазата на формулирање политики за следната година, но и на подолг рок- истакна Шилегов.

Шилегов нагласи и дека, за жал, во вакви тешки времиња губат сите, и како граѓани, и како институции на системот, и како компании кои вршат некаква стопанска дејност, па затоа сите заедно треба и мора да се вклучиме во изнаоѓањето на оптимални решенија што  ќе ни го олеснат животот, затоа што на крајот на денот сите сме од иста страна.