Арсовска: Од наредна недела се отпочнуваат редовни контакти со медиумите, ќе се елаборира што е она кое што се случува во градот 09.12.2021

„Јас со мојот однос мислам дека сум целосно спротивност од она кое што сме го имале во претходното раководство на градот. Планирам да воспоставам еден поинаков можеби начин на соработка и од следната недела па натаму со отпочнување на редовни контакти со медиумите, не само со брифинзи туку и со прес конференции едноставно ќе се елаборира што е она кое што се случува во градот“, истакна Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Арсовска додаде дека сака да има одговор на сите прашања кои ги мачат граѓаните, а со еден месец како градоначалник тоа не е можно.

„Отпочнати се процесите за сите работи, не само за проектите кои треба да се реализираат туку и за ревидирање на сето она кое што се случува во градот. Навистина наидуваме на зачудувачки работи и верувам дека за истите низ еден процес кој што ќе биде транспарентен понатаму и ќе биде разоткривани состојбите“, рече Арсовска.

Арсовска посочи дека низ кампањата работеше со сите скопјани, работеше со луѓето кои што и се пријатели и со луѓето кои ја познаваат и исто со луѓето кои ја поддржуваа.

„И како што кажав и ќе бидам претставник на сите скопјани во градот Скопје. А, сега во овој момент во Градот Скопје работам со луѓето кои што се таму од претходното раководење на градоначалникот, па и од оние пред него, значи тоа се луѓе кои што се професионалци, кои што ја знаат и препознаваат својата работа. И сите оние луѓе кои што се професионалци и кои што својата работа ја обавуваат во интерес на градот Скопје не на мене пред се, туку во интерес на скопјани мислам дека треба да им се даде можност и верувам дека тоа ќе биде најдобриот чекор да се има континуитет во работењето на Градот Скопје“, појасни Арсовска.

Арсовска укажа дека скопјани заслужуваат да имаат брзо, ефикасно и ефективно раководство. Потребно е детално ревидирање посебно на оние крупни проекти за кои што во нејзината програма имаше детални забелешки.