Арсовска: Скопјани на чекор до непрекината и непречена вело инфраструктура, и 25% намалување на паркинг услугите 09.12.2021

„На скопјани и воопшто на граѓаните на Македонија мора да им се понуди соодветно решение, алтернативно решение доколку тие би сакале и би требале да го користат јавниот превоз или пак алтернативниот превоз. Да ги користат велосипедите треба да имаат непрекината и непречена вело инфраструктура. Тоа се нивните барања и тоа е нешто кое што и претходно но и ете и сега во оваа програма е ветено дека ќе има еден навистина фантастичен проект кој што нема да го загрозува прво животот, ниту безбедноста на скопјани и ќе биде навистина квалитетно нешто како тие би можеле непречено да ги користат велосипедите“, истакна Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Арсовска додаде дека со контејнерите кои што ги постави претходниот градоначалник се соочуваат со проблеми и пешачите и велосипедистите.

„И за тоа има решение, значи тие решенија не треба да бидат ниту на пешачки, ниту на велосипедски патеки“, нагласи Арсовска говорејќи за контејнерите кои што ги постави Шилегов.

Арсовска посочи дека за намалување на цената на паркинг е испратено барање и е отпочната процедурата, за што се чека одлука од управниот одбор на јавно претпријатие Градски паркинг со која што ќе прифати да ги намали цените за паркингот.

„Веќе е отпочната процедурата, дадено е до јавното претпријатие Паркинзи и тие треба да донесат соодветна одлука на нивниот управен одбор. А, понатаму тоа доаѓа до Градот Скопје на прифаќање од страна на Советот“, појасни Арсовска.

Арсовска укажа дека ќе има 25% намалување на услугите на градскиот паркинг во Скопје.