Арсовска: За БРТ испланирале да потрошат 70 милиони евра без одлука на Совет на Град Скопје, а не се консултирани ниту граѓаните 09.12.2021

- За БРТ превозот не постои ниту презентација пред совет на град Скопје, а и одлука на Совет на Град Скопје, а тие се претставниците на граѓаните во градот. Преземале обврска дека ќе потрошат 70 милиони евра, а Советот не донел одлука, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во „Само интервју“ на Канал 5 додавајќи дека ниту скопјани се прашани, ниту запознаени за истото.

- Немам намера да правам нешто без да ги консултирам скопјани, бидејќи тие не се консултирани за решението БРТ. Во 2017 некој имаше кампања за трамвај која во 2019 премина во БРТ. Во самите анализи кои се нарачани од градот Скопје се кажува дека за граѓаните овој проект е непознат и не знаат што ќе донесе овој проект, рече Арсовска.

Таа додаде дека постојат и ризици од овој проект и граѓаните треба да знаат зошто БРТ не е најдобро решение.

- Ризици се како отстранувањето на средишното  зеленило од Партизанска, но поголем ризик е што под тоа зеленило се наоѓа главната водоинсталација за питка вода за Скопје. Дали скопјани биле запознаени дека треба да се гради нов мост кај мостот Обединети нации и истото не вкалкулирано во буџетот од 70 милиони евра и дека новиот мост ќе е сериозна задача од финансиска гледна точка детектирано е но и од нормалниот живот. И тоа е дополнителен трошок од над 6 милиони евра, вели Арсовска.

Според Арсовска, чесно е да се презентираат овие работи пред скопјани и да одлучат дали е ова добро решение за нив.

- Јас понудив концепт за кој граѓаните се решија, но и споменав референдум. Има многу напади секојдневно и закани, но немам намера да потклекнам пред истите. Референдум е една од опциите кои може да се понудат дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Референдумот како опција и треба да се практикува за решенија како што е БРТ кое ќе го оптовари буџетот на државата за 70 милиони евра, нагласи Арсовска