Арсовска: Заклучокот од состанокот на ЗЕЛС е да закажеме средба со Владата, да ги образложиме состојбите и да постигнеме решение за да ги изменаџираме проблемите 10.1.2022

Градоначалничката на градот Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување во дебатната емисија „Топ Тема“ на телевизија Телма потенцираше дека од разговорите со општините, најголемото зголемување дошло по едностраното раскинување на договорите кои ги имале со економските оператори кои ги снабдуваат општините со електрична енергија.

„Сите од општините со кои дискутиравме и разговаравме, кадешто побаравме информации за односот, односно за процентуалното зголемување на она коешто го имале како пред настапувањето на енергетската криза и по настапувањето, она коешто има општините да го кажат е дека најголемите промени, односно најголемото зголемување дојде по едностраното раскинување на договорите коишто ги имаа со економските оператори кои ги снабдуваат општините со електрична енергија и дека зголемувањето се некаде од три до пет пати, па и повеќе зголемени од она коешто го имале претходно со овие склучени договори коишто еднострано беа раскинати и сега се тие веќе на слободен пазар за да може да се снабдат со електрична енергија“, изјави Арсовска.

Таа информираше дека заклучокот од состанокот којшто го имале на правниот состанок на ЗЕЛС е да побараат и закажат средба со Владата, на која ќе можат да ги аргументираат сите работи кои денеска произлегле од дискусијата, да се образложат кои се состојбите и да постигне решение со кое би можело да се изменаџираат проблемите, а особено да се помогне на оние општини, како што истакна Арсовска кои во овој момент се борат со ликвидноста, кои немаат никаков начин како да добијат средства, приливи, приходи.

„Во одредени општини кадешто има навистина проблеми со ликвидноста тие немаат никаква можност да приберат никакви дополнителни приходи и од оние кои ги генерираат во овој момент. Да, тие побараа да имаат одредена помош во делот на можеби на надоместување на она коешто го имале или субвенционирање, практично во разликата во сметките за електрична енергија од пред раскинувањето на договорите до оваа цена на слободниот пазар, затоа што според нивните информации тоа сега дури го надминува една од сметките, го надминува она коешто го имале буџетирано за целата наредна година, на пример, практично две такви сметки ќе го изедат целиот нивен буџет за снабдување со електрична енергија. Сметам дека најлогичното нешто би било да се седне, да се разговара, да се види кои се можните решенија и да се излезе во пресрет затоа што сепак не сите општини ги имаат истите можности. Верувам дека треба да се помогне онаму каде што може да се помогне“, рече Арсовска.