ПРОДОЛЖУВА ЧИСТЕЊЕТО НА ДИВАТА ДЕПОНИЈА КАЈ НОВО СЕЛО ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 10.6.2020

По застојот поради пандемијата од коронавирусот, Град Скопје во соработка со Oпштина Ѓорче Петров повторно почнаа со расчистување на дивата депонија во Ново Село.

Оваа стара децениска дива депонија покрај реката Лепенец во општина Ѓорче Петров, на почетокот на оваа година беше расчистена од Град Скопје, но поради ситуацијата со коронавирусот беа запрени натамошните активности за облагодарување на овој простор, а изминатиов период повторно беше наполнета со отпад.

Екипи на Град Скопје деновиве на терен со механизација повторно го расчистуваат просторот, а овие активности ќе продолжат и во наредниот период.

Инспекторите и комуналните редари на Град Скопје ќе продолжат со контролите на терен затоа што борбата за поздрава и почиста средина е процес во којшто треба да бидат вклучени сите надлежни институции, но и граѓаните со своето одговорно однесување.

Само заедно, со заеднички напори, може да ги достигнеме стандардите на чиста и здрава животна средина.