БЕСПЛАТНО ПРИЈАВУВАЊЕ НА ОГАН НА ОТВОРЕНО ИЛИ ДИВА ДЕПОНИЈА НА БРОЈОТ 193 11.2.2021

Град Скопје продолжува да ја реализира кампањата за пријавување огнови на отворено или диви депонии на бесплатната телефонска линија 193.

Оваа кампања се спроведува четврта година по ред и дава одлични резултати и заедно со кампањата за спречување на палењето стрништа, односно остатоците од берба и субвенциите за чистење на оџаците во домаќинствата се едни од најважните кампањи на Градот Скопје за подигање на свеста во борбата против аерозагадувањето.

Палењето огнови на отворено најчесто е последица на несовесноста на одредени граѓани, но сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да го намалиме загадувањето на воздухот во Скопје. Град Скопје преку сопствениот Инспекторат и  Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено, но тимовите можат да работат ефикасно само доколку се реагира брзо на единствениот проверен начин, а тоа е со телефонскиот повик на 193.

Градот Скопје ги повикува граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето на воздухот и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во кол-центарот, на телефонскиот број 193.