ГРАД СКОПЈЕ СО КРИЗНИ МЕРКИ ЗА КУЛТУРАТА 12.4.2020
Кандидатот за европски град на културата 2028 со изменети програми, социјални хонорари и пренаменети буџети за полесно пребродување на вонредната состојба.
Денес Град Скопје ги претстави мерките со кои што излегува во пресрет на барањата на независната културна сцена да им се овозможи социјална сигурност и можност за културно творештво на уметниците без постојана егзистенција, а кои со вонредната состојба ги изгубија сите свои ангажмани. Со „Култура во време на Корона“ се предвидува пренамена на буџетските средства, одложување на неприоритетните капитални инвестиции во културата, загарантиран минимален хонорар за сите ангажирани уметници за време на кризата, како и адаптирање на културните програми на сите градски институции на новите услови на работа.
Градоначалникот Шилегов во оваа прилика изјави: „Скопје како кандидат за европски град на културата 2028 мора да покаже дека се грижи за домашната сцена и особено за локалните невработени уметници во овој критичен период за нивниот опстанок. Затоа, го задржуваме истиот буџет за култура, но средствата ги насочуваме кон луѓето и програмите, наместо кон капиталните инвестиции. Луна Паркот како неприоритетна инвестиција ќе биде одложен за некоја година, но затоа Универзалната Сала и веќе започнатите реконструкции во градските институции ќе се реализираат. Предвидуваме и кратење на буџетите за оние меѓународни настани кои што нема да може да се одржат заради затворените граници и нивно пренасочување во проекти на домашни уметници и здруженија. Ги уверуваме уметниците и културните работници дека нема да бидат заборавени, а нашите сограѓани, иако под изменети околности, и оваа година нема да имаат недостиг од културни содржини.“
Според предвиденото со програмата „Култура во време на Корона“, дел од проектите поддржани со Јавниот повик за 2020 ќе бидат авансно исплаќани, соодветно на потребите за уметниците од независната културна сцена да добијат помош за надминување на „првиот финансиски удар“. Со оглед на затворените врати на сите културни институции за време на вонредната состојба, Град Скопје ја прави културата достапна до сечиј дом. Веќе од наредната недела градот ќе организира маалски концерти кои што ќе имаат можност да се следат од балконите. Притоа, ангажираните изведувачи ќе бидат невработени уметници и ќе добиваат еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари.
Програмите на градските културни институции ќе се пренасочат онлајн. Доајените во културата над 70 години ќе добиваат логистичка и психолошка поддршка од волонтери на Град Скопје.
Истовремено, Град Скопје ќе работи на содавање на пост-кризна стратегија за култура која што ќе значи редефинирање на програмите, изработка на нов план на активности, здружено споделување на ресурсите на градските културни установи, како и изнаоѓање на нови простори кои ќе нудат можности за следење на зголемениот број на културни содржини по завршувањето на вонредната состојба.
Овие мерки доаѓаат како резултат на барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ кои беа поддржани од ЈАДРО - асоцијација на независната културна сцена и Синдикатот на Културата (СКРМ) до Градот, за заштита на социјалната состојба на уметниците од независната културна сцена, а се изработени од Младинскиот Културен Центар како институција со најголема поврзаност со независната култура.
“Култура во време на Корона” започнува денес со онлајн прошетка со водичи низ Зоолошка Градина - Скопје.”
- ВЕСТИ
- 27.11.2024 - Соопштение за јавност
- 26.11.2024 - Соопштение за јавност
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 15.11.2024 - Соопштение за јавност
- 14.11.2024 - Соопштение за јавност
- 13.11.2024 - Соопштение за јавност
- 17.10.2024 - Соопштение за јавност
- 13.10.2024 - Соопштение за јавност