ПО 8 ГОДИНИ КОНЕЧНО СЕ ОСЛОБОДУВА ПАТЕКАТА НА КЕЈОТ, КАЈ НОВИОТ ПЕШАЧКИ МОСТ ВО ЦЕНТАР 12.1.2021

Екипите на Град Скопје почнаа да го расчистуваат кејот на реката Вардар околу новиот пешачки мост кај зградата на Македонскиот народен театар.

Овој дел од кејот скоро 8 години не беше прооден за пешаци и за велосипедисти поради градежните работи и натрупаниот градежен материјал поради изградбата на „Панорамското тркало“. Изградбата на мостот е готова, „Панорамско тркало“ нема, а сега се работи на конечно ослободување и на оваа делница од кејот, за граѓаните да можат непречено да ја користат.

Од овој потег досега се подигнати 27 кубни метри градежен материјал. Чистењето ќе продолжи и во наредните денови.

Значајно е да се нагласи дека активностите на Град Скопје за чистење на кејот на реката Вардар продолжуваат и оваа година. Се расчистуваат и уредуваат пешачките патеки, се чистат калдрмата, каменот и коритото на реката.

Дополнително, се корнат гранки, треви и грмушки со кои се обраснати делови од кејот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото и се чисти ѓубрето.