ЕДНО ОПШТЕСТВО – СИЛНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА. ШИЛЕГОВ СО ПОДДРШКА НА НАШИТЕ ФУДБАЛЕРИ 13.6.2021

Во својата колумна во викенд изданието на Слободен Печат во очи на историскиот ден за македонскиот фудбал, скопскиот Градоначалник се осврнува на поврзаноста на „едно општество за сите“ и учеството на европското фудбалско првенство.

„Успехот на политиката на „едно општество“ го гледаме сега олицетворен и во историскиот успех на македонската фудбалска репрезентација. Претходно, партиското мешање и инструментализирање на фудбалот ја доведе на дното фудбалската репрезентација на Северна Македонија. Од 54 место на листата на ФИФА во 2006, фудбалската репрезентација падна на 162 место во 2016 година. А сега нашата репрезентација е единствена од регионот која ќе игра на Европското првенство и за која ќе навива целиот Балкан! Како да не навиваш на сложната и успешна екипа на Пандев, Барди, Елмас, Алиоски, Нестороски, Тричкоски, Адеми…? Историскиот успех на фудбалската репрезентација е најдобар показател дека Македонија може да успее во Европа, само ако сите играме заедно и сложно, надминувајќи ги етничките и политичките конфликти и поделби.“

Рецептот за успех на градот Скопје е ист како и рецептот за успех на македонската фудбалска репрезентација. И политиката е „екипен спорт“, пишува Шилегов и додава: „Успехот е загарантиран кога играме сите заедно, сложно, ако сите општини се развиваат рамномерно – а не само една во која беа вложени стотици милиони евра во „проекти“ што немаа врска со реалните потреби на скопјани“.

 

Споредувајќи го градот пред неговиот мандат и сега, на полето на соживотот и толеранцијата, Шилегов истакнува: „Тепачките во автобуси се реткост, нема конфликти околу контроверзни споменици, а заеднички го славиме и денот на македонскиот јазик и денот на албанската азбука и другите празници на сите заедници. Заеднички ги променивме имињата на улици што нѐ делат, воведувајќи имиња што нѐ поврзуваат и враќајќи ги улиците по кои Скопје беше препознатливо како меѓународен симбол на светската солидарност. Заеднички унапредуваме и култура во градот која нѐ поврзува, наместо да нѐ дели.“

 

Скопскиот Градоначалник не пропушта во својата колумна да се осврне и на однесувањето на најголемата опозициска партија: „слушаме како опозициски скопски советници продолжуваат со политиката „раздели, па владеј“ – со сеење страв и омраза, со ширење лажни вести за федерализација, кантонизација и бегалски кампови во Скопје.

Продолжуваат со истите груевистички тактики на поттикнување на омраза и нетрпеливост – надградени и проширени со агитирање против ЕУ, Брисел и Вашингтон, смислено од „Централата“ со „велелепни лустери со црвени теписи и махагони астали“.

Обединето Скопје победи и во 2017, а ќе ја победи политиката „раздели, па владеј“ и во 2021 година. И цело обединето Скопје, месецов ќе навива за сложната македонска фудбалска репрезентација. Затоа што, само заедно и сложно, победуваме!“ – завршува Шилегов.

Линк до целата колумна: https://www.slobodenpecat.mk/i-skopje-pobeduva-zaedno-i-slozhno/