Расчистена голема дива депонија во општина Гази Баба - отстранети 40 кубни метри отпад 16.4.2022

Град Скопје заедно со јавните претпријатија и во координација со Општина  Гази Баба успешно  ја  спроведуваат работната пролетна акција на територија на оваа општина.

Во рамките на големата акција за генерално чистење на општината Гази Баба, ЈП Комунална хигиена ја исчисти обемната дива депонија лоцирана во дворот на поранешната управна зграда на Јавната установа за згрижување деца со социјално-воспитни проблеми „Ранка Милановиќ“, сместена на улицата Перо Наков. Од оваа локација, отстранети се 40 кубни метри отпад.

Од почетокот на акцијата за чистење на општината Гази Баба, во специјалните садови што ЈП Комунална хигиена ги постави на пет локации во оваа скопска општина беа одложени приближно 50 кубни метри кабаст отпад коишто се подигнати и транспортирани од страна на екипите на претпријатието. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ рачно и машински ги исчистија булеварите и улиците, а направија и дезинфекција на контејнерите на јавните површини.

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ ги санираа ударните дупки на 5 булевари и улици. На булеварите Александар Македонски и Киро Глигоров и на улиците Методија Андонов Ченто, Маџари и Перо Наков санирани се ударни дупки со вкупна површина од 210 квадратни метри.

Со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот во овој дел од градот, екипите на ЈП „Улици и патишта“ на улицата Благоја Стефковски поставија две платоа за намалување на брзината на движење на возилата и ја обновија вертикалната сигнализација на булеварите Александар Македонски и Киро Глигоров, а на улицата Перо Наков со поставени нови сообраќајни знаци и исправени се оштетените. Во рамките на акцијата е извршена контрола и обиколка на светлосната сигнализација на семафоризираните крстосници во општината и заменети се оштететените сенила на пешачките и возачки лантерни на семафорите 4 крстосници.

Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ реализираа голем број активности за уредување на зеленилото долж булеварите и улиците: Александар Македонски, Киро Глигоров, Благоја Стефковски, Коце Металец, Методија Андонов Ченто, како и на улицата 808. На двата булевара и четирите улици се искосени тревните површини и уредени дрворедите, а беа собрани лисја, хартии и отпадоци. Во рамките на оваа акција на ЈП „Паркови и зеленило“ собраа 10 полни камиони со отпадоци.

Град Скопје заедно со јавните претпријатија и во координација со Општина Гази Баба пролетната акција ја спроведува од 11-ти април до 17-ти април на територијата на целата општина.