ГРАДОТ СКОПЈЕ СО 60 НОВИ КОНТЕЈНЕРИ ЗА ОДЛАГАЊЕ СТАКЛЕНА АМБАЛАЖА 16.3.2021

Градот Скопје, ГИЗ и ЈП „Комунална хигиена“ денеска потпишаа договор за нови 60 контејнери за депонирање отпад од стаклено пакување, што Град Скопје ги доби како донација во рамките на регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан".

Градот Скопје е една од шесте единици на локална самоуправа опфатени со овој проект во нашата држава, покрај Битола, Гевгелија, Илинден, Штип и Тетово и е еден од 14-те градови и општини од трите земји учеснички во  овој проект - Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.

- Само од овој проект обезбедени се вкупно 122 контејнери за стакло, имајќи ги предвид и претходните 62 кои веќе се распоредени низ нашиот град неколку месеци. Во таа насока дозволете да изразам благодарност до ГИЗ, ЗЕЛС и „Пакомак“, кои се имплементатори на проектните активности. Овие 60 контејнери, ќе бидат распоредени во општините Гази Баба и Аеродром. Целта е со зајакната отпадна инфраструктура да се дејствува за подигање на свеста на граѓаните за рециклирањето на стаклото како амбалажен материјал. Дополнително, со тоа ќе им се овозможи на ангажираните експерти кои ќе го следат целиот процес, да развијат соодветен модел за рециклажа на стакло, што во иднина ќе биде применлив и во други вакви средини – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната промоција на новите контејнери.

Веќе од утре, новите контејнери ќе се поставуваат на утврдените локации, по што се очекува да се собере најмалку 20 отсто повеќе стакло во однос на претходната година.

- Затоа ги повикувам сите граѓани на нашиот град да се вклучат масовно, да ги собираат шишињата, теглите и другите стаклени пакувања што ги имаат во своите домови и да ги фрлаат исклучиво во овие специјализирани контејнери. Рециклирањето на отпадот е практика што масовно се практикува во земјите на Европската Унија кои ги почитуваат највисоките еколошки стандарди за третман на отпадот. Затоа Градот ќе продолжи да ја надградува ваквата инфраструктура и во иднина, и тоа не само за контејнери за селекција на стакло, туку и за хартија и за пластични шишиња со што во континуитет ќе се подобрува оваа услуга за граѓаните – најави Шилегов.

На денешната промоција во Рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош присуствуваа и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ и претставници од „Пакомак“ и од ГИЗ.