ГРАД СКОПЈЕ ОРГАНИЗИРАШЕ ТРИ ЕДУКАТИВНИ ТУРИ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ ПРЕД 75 ГОДИНИ 17.11.2019

Во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје се одржаа три едукативни тури во кои учениците од средните училишта на Град Скопје имаа можност да се запознаат со клучните настани и локации поврзани со ослободувањето на градот пред 75 години.

Збирното место беше пред Музејот на илегалните работилници за оружје, на кејот на реката Вардар, a низ историските настани поврзани со ослободувањето на Скопје учениците ги водеше Бобан Ѓорѓиевски, професор по историја во СУГС „Кочо Рацин“. Присутните имаа можност да го разгледаат музејот сместен во некогашната работилница на електромеханичарот Серафим Видовски каде што е формирана првата илегална работилница за оружје во градот, а која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година, и да дискутираат за значењето на овој објект, за изложените експонати и за идејата за слобода.

Како дел од турите, беа и посетите на Споменикот на деветте стрелани скопјани кај Камениот мост и кон плоштадот „Македонија“ каде што учениците дознаа нешто повеќе за улогата на плоштадот на денот 13 Ноември. Турите завршуваа пред Споменикот на ослободителите пред Владата на Република Северна Македонија каде што се говореше за настаните поврзани со заземањето на некогашната Женска гимназија.