Во пролетната акција во Ѓорче Петров досега се одложени 70 кубни метри кабаст отпад 18.5.2022

Во рамките на пролетната акција за генерално чистење на општината Ѓорче Петров, што се одвива во организација на Градот Скопје, досега се одложени приближно 70 кубни метри кабаст отпад во специјалните садови што ги постави ЈП Комунална хигиена.
Екипите на ЈП Комунална хигиена секојдневно вршат миење и дезинфекција на контејнерите и нивните микролокации, како и рачно и машинско метење и миење на улиците Ѓорче Петров, Македонска војска и Лука Геров.
Ја информираме јавноста дека во текот на изминатата ноќ во оваа скопска општина од непознати сторители е опожарен еден пластичен контејнер со зафатнина од 3,2 кубни метри, лоциран на улицата Ѓорче Петров. ЈП Комунална хигиена во најкус можен рок ќе постави нов сад на оваа локација, со цел да не дојде до нарушување на динамиката на одлагање и собирање на комуналниот отпад.
Екипите на ЈП Паркови во рамките на акцијата во оваа општина ги уредуваат јавните зелени површини, а денеска продолжија со косење на тревните површини на булеварот Македонска војска. Се изврши и кроење и обликување на вегетацијата, а од Секторот дрвореди теренските екипи искастрија 39 дрвја на улицата Исаја Маџовски, согласно со издадените Решенија од Град Скопје.
ЈП Улици и патишта во рамките на големата пролетна акција во општина Ѓорче Петров денеска ги санираа оштетувањата на улица Воин Драшковиќ и на улица Кичевска со површина од 19 квадратни метри и ги санираа оштетените бекатон плочи на пешачката патека на улицата Пекљање во населбата Даме Груев со површина од 12 квадратни метри.
На семафоризираните крстосници во општина Ѓорче Петров заменети се оштетените сенила на семафорите и тоа на крстосниците на улица Ѓорче Петров со улица Кузман Шапкаров, крстосницата на улица Ѓорче Петров со улицата Сарај и на крстосницата на улица Лука Геров со улица Николај Островски.
Екипите на ЈП Водовод и канализација на терен вршат рачно чистење на сливници, шахти (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и цистерна под притисок. На улицата Македонска војска денеска е извршена контрола на 36 шахти, рачно се исчистени 15 шахти и 82 сливници, извршено е миење на канализациона линија од 190 метри со цистерна со вакуум и прочистување на 235 метри со цистерна под притисок.
Тимовите на ЈП Лајка, кој на терен постапуваат на четири клучни локации во општина Ѓорче Петров, досега имаа заловено 8 кучиња.
Јавното претпријатие Дрисла во рамките на акцијата го прима, складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што се собираат на територијата на општина Ѓорче Петров.
Пролетната акција во Ѓорче Петров се спроведува на целата територија на општината и ќе трае се до 20 мај.