Решени 2.001 барање од граѓани преку адресата 24@skopje.gov.mk 18.5.2022

На електронската адреса за комуникација со граѓаните 24@skopje.gov.mk досега се пристигнати 2.300 барања, од кои решени се дури 2.001. Најголемиот број граѓани на овој мејл пријавиле проблеми од областа на уредувањето на просторот - 540, односно побарале да се постават заштитни столпчиња за да се заштитат јавните површини и тротоарите од непрописно паркирани возила и за да се овозможи безбедно движење на пешаците, да се санираат ударните дупки, да се обноват велосипедските патеки или да се поправи уличното осветлување.

Пријави на диви депонии и загадувачи на воздухот, како и барања на терен да излезат градските инспектори имало 376. Граѓаните пријавувале проблеми и од областа на комуналните работи, односно побарале сечење стари и суви дрвја, кастрење гранки, уредување зелени површини и контејнери за собирање смет, а пријавиле и проблеми со улични кучиња - 556 пријави.

На оваа електронска адреса пристигнаа и 288 пријави за оштетена сообраќајна сигнализација, барања за поставување платоа за смирување на сообраќајот, проблеми со автобуските линии и возниот ред на автобусите од јавниот превоз, како и барања за измени во некои сообраќајни решенија. 

Граѓаните пријавиле и проблеми поврзани со данокот на имот, данокот на промет и наплатата на комуналните такси - 373 пријави. Дел од барањата се однесуваат и на субвенциите што ги доделува Градот Скопје, за набавка на инвертер клима уреди, електрични тротинети и велосипеди - 167 барања.

  На електронската адреса 24@skopje.gov.mk граѓаните можат да пријавуваат проблеми и предизвици од надлежност на Град Скопје, а градската администрација е задолжена да одговори на барањата во рок до 72 часа.

Целта на овој проект е ефикасно и ефективно работење на градската администрација во служба на граѓаните, која ќе придонесе Скопје да биде функционален град кој нуди брзи, квалитетни и навремени услуги за скопјани. Со ваквиот начин на комуникација Градот Скопје станува поблизок до скопјани и има за цел преку непосреден однос со граѓаните да ги реши секојдневните предизвици со кои тие се соочени.