ВО ТЕКОТ НА МИНАТАТА НЕДЕЛА ИЗГАСНАТИ 15 ОГНОВИ НА ОТВОРЕНО ВО СКОПЈЕ 19.3.2020

Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во периодот од 12.03 до 18.03.2020 година на телефонскиот број 193, кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“, регистрирала 16 пријави од граѓаните. Од вкупниот број пријави, во 15 случаи пожарникарите излегле на терен со противпожарни возила и го изгаснале огнот што горел на отворено. Преостанатата една пријава од граѓаните е проследена кај инспекторите на Град Скопје за да покренат постапка против сторителите. 

Во сезоната со зголемено загадување на воздухот, Градот Скопје ја продолжи кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено.

Оваа кампања се спроведува трета година по ред и досега има одлични резултати.

Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на палење оган на отворено, за да може огнот што побрзо да се изгаси, а сторителите да се санкционираат.