Арсовска: Се ревитализира ботаничката градина во ЗОО Скопје 20.3.2022

Денес на денот на пролетта градоначалничката Арсовска заедно со директорот на ЗОО Скопје Кристијан Стаменов и дел од советниците од град Скопје учествуваа на отпочнување на пролетната акција за раззеленување на ботаничката градина. Вработените на ЗОО Скопје во координација со ЈП Паркови и работат заедно во акција за чистење и ревитализација на ботаничката градина којашто во изминатите четири години не беше функционална, односно посетителите немаа можност да прошетаат во тој дел од зоолошката градина.

“Ботаничката градина се протега на 20 000 м2, а следи обновување на системот за полевање и подготвени се нови 200 садници за засадување. Градината ќе добие и нова урбана опрема, а во план е и реконструкција на дрвените мостови, со што овој простор ќе биде повторно достапен за посетителите”, истакна градоначалничката Арсовска.

Во наредниот период Градот Скопје заедно со ЗОО Скопје, ќе спроведе низа активности со кои ќе се подобрат условите на живеалиштата на животните, како и инфраструктурата којашто ќе овозможи подобри услови за посетителите на скопската зоолошка градина.