НАД 4.000 ГРАЃАНИ СЕ ОБИДОА ДА ГО СМЕСТАТ СКОПЈЕ НА МАПАТА НА ГИНИС 21.12.2019

Голем број граѓани денеска на Плоштадот „Македонија“ се придружија на обидот за поставување нов Гинисов рекорд за најголема новогодишна елка во светот направена од луѓе. На овој интересен потфат присуствуваше и Градоначалникот Петре Шилегов.

- Благодарност до сите граѓани, сите скопјани, што земаа учество во оваа предновогодишна манифестација. Направени се снимките, тие ќе бидат испратени и деновиве ќе очекуваме известување дали е соборен Гинисовиот рекорд. Ние очекувавме околу 5500 луѓе, не успеавме да ја доловиме таа бројка, но имаше околу 4000 луѓе што е блиску до рекордот од 4.030 учесници и треба да почекаме официјално да видиме дали е срушен рекордот. Верувам дека доколку ова биде рекорд, на сите што беа учесници ќе им претставува убав спомен во нивните животи – изјави Градоначалникот Шилегов на денешниот настан.

Најголемата елка од луѓе според Гинис е направена во Индија, во 2015 година, со 4.030 учесници.

Настанот беше проследен со музичко-забавна програма, а за доброто расположение на учесниците се погрижија Бени Шаќири и Нон стоп.