Арсовска: Преку едукативни активности за најмладите да влијаеме за заштита на животната средина 22.3.2022

Во рамките на одбележувањето на Деновите на екологијата за 2022 година, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, заедно со директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зуди Енузи, денеска присуствуваа на еколошка работилница и едукативни игри за рециклирање и селектирање на отпадот во детската градинка „Снежана“, во скопската општина Чаир.

Околу 100 дечиња беа вклучени во едукативните активности што се одвиваа во матичниот објект на оваа детска градинка и имаа можност да научат на кој начин да постапуваат со отпадот и колку е значајна неговата примарна селекција.

Градоначалничката Арсовска ја поздрави акцијата и истакна дека ваквите едукативни активности за најмладите се потребни од коишто преку едукативни игри можат да научат како да го селектираат отпадот.

На дечињата од градинката „Снежана“ градоначалничката Арсовска и директорот Енуз им поделија пакетчиња со едукативни сликовници за заштита на животната средина.

Градот Скопје ги поддржува активностите кои ја подигаат свеста во однос на екологијата и во наредниот период ќе бидат поттикнати нови идеи и нови еколошки активности во средните училишта во градот Скопје, се со цел да ја сочуваме животната средина и чистиот воздух.