ИЗЛОЖБА НА 17 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА УРЕДУВАЊЕ НА КАЛЕ 22.10.2019

 

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“, што е поставена во Музејот на современа уметност.

 

 

- Сакам да упатам благодарност до сите учесници во овој конкурс, без оглед на тоа кој како бил оценет од стручната комисија. Ме радува фактот што на овој конкурс имаше толку голем интерес - добивме 17 труда со предлози како да ја зачуваме круната на Скопје, зашто Калето е круна на нашиот град. Ви благодарам што размислувавте како овој дел од градот што во минатото беше напуштен и запуштен може сите заедно да се обидеме да го облагородиме и да го направиме многу, многу поатрактивен – рече Шилегов.

 

 

„Кале, културна тврдина“ е проект што Музејот на современата уметност во соработка со Архитектонскиот факултет почна да го развива од 2016 година за да го сврти вниманието на јавноста кон потенцијалите на овој драгоцен простор во центарот на Скопје и да понуди визија и концепти кои би го претвориле во динамично, атрактивно и гравитациски силно културно средиште.

Меѓународниот конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале, што траеше од 5 април до 15 мај 2019 година е втората фаза од реализацијата на овој проект, во кој се вклучени и финансиски го поддржуваат Градот Скопје, како дел од ROCK проектот финансиран од програмата за истражување и иновација Horizon 2020 на Европската Унија за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.

 

- Убеден сум дека меѓуинституционалната соработка и почитувањето на мислењето на стручната јавност се единствениот исправен начин на кој може да се дојде до квалитетен производ, особено кога размислуваме за уредувањето на јавниот простор – додаде денеска Шилегов.

 

 

Целта на Конкурсот беше развој на идеен архитектонско-урбанистички проект, што го опфаќа просторот на ридот од тврдината до Француските гробишта и чијашто основна цел е да ја поттикне обновата и преобразбата на Калето во нов градски предел со различни програмски, просторни и пејзажни квалитети.

 


Втората важна задача за проектните предлози се однесуваше на Музејот на современата уметност како носечка програмска платформа за организирање на уметнички, скулпторски, архитектонски, мултимедијални, резиденцијални, едукативни семинари и работилници и други видови интердисциплинарни или општествени проекти и јавни настани, и во таа смисла во делот на потесната локација на МСУ да предложат концепти за поставување неколку привремени градби од павилјонски тип наменети за дел од музејските активности.

 


На конкурсот пристигнаа вкупно 17 трудови од архитекти и архитектонски тимови од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Германија, Турција и Англија. Проектите понудија визии и сценарија со кои преку внесување на различни содржини, патеки и парковски решенија, средновековната тврдина и Музејот на современата уметност ќе добијат достојно значење и отворени можности за многу поголем пристап до публиката, а истовремено и ридот Кале ќе го претвори во силна туристичка и рекреативна зона од која се отвораат најубавите глетки на скопската котлина.

 

 

Седумчленото жири составено од архитекти и професори на Архитектонскиот факултет, претставник од Музејот на современата уметност и од Управата за заштита на спомениците на културата, додели две рамноправни први награди од 125.000 денари на проектот на Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин и на проектот на Ана Рафаиловска, Марија Антиќ Николова, Лидија Ристовска и Невенка Манчева Аџиевска, архитекти од Скопје. Третата награда од 50.000 денари му е доделена на проектот на Александар Врангалоски и Елеонора Поповска, архитекти од Берлин, со соработниците Лазо Лазаров и Маја Бошкович.

 


На изложбата насловена „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“ се претставени сите 17 проекти. Изложбата ќе трае до 3 ноември 2019 година.