МЕЃУОПШТИНСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА ЗА ОПРЕМУВАЊЕ НА ДОМОТ НА КУЛТУРА КВК 23.5.2021

Кварталниот извештај за извршување на буџетот на Град Скопје за периодот од 01.01.2021 година до 31.03.2021 година е една од точките на дневниот ред на следната 71 седница на Советот на Град Скопје што ќе се одржи на 26.05.2021 година.

Според извештајот  во вкупниот буџет на Град Скопје, во првиот квартал од 2021 година, вкупните приходи и други приливи, се остварени во износ од 1.301.432.993,00 денари, што претставува остварување од 18,1% во однос на планираното. Остварувањето на приходите во вкупниот буџет во услови на вонредна состојба во која се најде нашата држава бележи забавена динамика и споредено со истиот период од 2020 година, остварените приходите во првиот квартал од 2021 се на приближно исто ниво. Во остварените приходи најголемо учество имаат даночните приходи (42,6%), трансферите и донациите (40,1%), капиталните приходи (7,4%), домашното задолжување (5,4%), а неданочните  приходи се со најмал процент (4,5%). Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за првиот квартал од 2021 година, се извршени во износ од 1.114.674.366,00 денари што претставува извршување од 15,5% во однос на планираните расходи и одливи за 2021 година. Споредено со извршувањето на расходите од истиот период од минатата 2020 година, извршените расходи за првиот квартал од 2021 година, следејќи ја динамиката на реализација на проектите, бележат намалување од 11,2%. Намалувањето е забележано во сите буџети од кои е составен вкупниот буџет на Град Скопје, освен кај Буџетот на кредити. Во структурата на вкупно извршените расходи учеството на капиталните расходи е 26,6%, додека тековно-оперативните расходи учествуваат со 73,4%.

На седницата советниците ќе дискутираат и за Предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Кисела Вода за финансиско учество за опремување на Домот на култура КВК - Скопје со аудио-визуелна опрема. Ова е предвидено со Програмата за култура на Град Скопје за 2021 во точката „Опремување на културни хабови“, како проект во рамките на редовната соработка во областа на културата.

Одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка донесува секој од советите на општините.

Советот на Град Скопје на седницата ќе расправа и за извештаите за работа на ЈСП Скопје и ЈП Градски паркинг за 2020 година, како и за извештаите за работата на повеќе јавни претпријатија за првото тримесечје од 2021 година.