БУЛЕВАР АСНОМ ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ И ПРОБИВА НИЗ КЕРАМИДНИЦА КОН АЕРОДРОМ 24.07.2021

Градоначалникот Шилегов, заедно со градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар, Златко Марин, Борис Георгиевски, Саша Богдановиќ и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи на третата фаза од капиталниот проект за изградба на булевар АСНОМ.

Третата и последна фаза од изградбата на новиот бул. АСНОМ опфаќа изградба на булевар на потег од крстосницата со булеварот Гоце Делчев до објектот на поранешен Пролетер во населбата Керамидница.

- Согласно проектот оваа фаза опфаќа реконструкција и изградба на дел од булеварот во должина од 317 метри, за што ќе се инвестираат околу 70,6 милиони денари. Реализацијата на овој проект и градежните работи ќе се одвиваат согласно динамиката на експропријацијата на имотите кои се на неговата траса и моите очекувања се дека најдоцна на почетокот на наредната година да биде пуштен во употреба – кажа на прес-конференцијата градоначалникот Шилегов.

Шилегов додаде дека изградбата на овој булевар во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но за жал заради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети неговата изградба секогаш била одложувана за некои подобри времиња.

-  Со изградбата на овој коридор граѓаните на Аеродром и Ново Лисиче ќе имаат уште едно поврзување со центарот на градот, кое освен за автомобилскиот сообраќај, ќе биде поврзано и со велосипедски патеки, а по истиот ќе се движат и нови автобуски линии, со што граѓаните ќе бидат поврзани на сите начини. Исто како и остатокот од булеварот и во овој дел е предвидено модерно булеварско решение со по 3 коловозни ленти во двата правци, странично и средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки и модерно ЛЕД осветлување – изјави Шилегов.

Градот  Скопје продолжува да гради по план изнаоѓајќи сообраќајни решенија кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните, а тоа ќе значи побрз, поефикасен, побезбеден и поеколошки сообраќај во Скопје.