Арсовска: По три децении започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Славка Динкова“ во Драчево 24.8.2022

Градот Скопје денеска ја започна реконструкцијата на улица „Славка Динкова“ во населба Драчево во општината Кисела Вода. На отпочнувањето на градежните работи присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.

Со овој проект покрај целосна реконструкција на улицата, во вкупна должина од 1.175 метри едновремено се врши за прв пат и изградба на атмосферска канализација.

- Станува збор за една од поважните сообраќајници во ова населено место, која не е реконструирана повеќе од 30 години, а воедно за првпат ќе се изгради атмосферска канализација. Со овој проект значително се подобрува инфраструктурата за граѓаните, се олеснува движењето и пристапноста за повеќе од 30.000 граѓани кои секојдневни транзитираат по улицата Славка Динкова. Со реализацијата на овој проект се решава и деценискиот проблем со атмосферските води – кажа градоначалничката Арсовска.

Градоначалникот Ѓоргиевски изрази задоволство од почетокот на реализацијата на овој проект, кој Град Скопје го реализира со склучен договор за меѓуопштинска соработка со Општина Кисела Вода.

Вредност на изведбата е 34.379.507 денари со вклучен ДДВ, при што за реализација на овој проект постигнато е намалување на цената за повеќе од 16 милиони денари, со електронска јавна аукција и заштеда од 32% од проценетата вредност на проектот.