ОД ДЕНЕСКА СЕ РЕКОНСТРУИРА УШТЕ ЕДНА ДЕЛНИЦА ОД УЛИЦАТА БЛАГОЈА СТЕФКОВСКИ, ВО ГАЗИ БАБА 27.08.2020

На улицата Благоја Стефковски во Општина Гази Баба од денеска се изведуваат градежни работи за обнова на нејзиниот коловоз. Оваа втора фаза од реконструкцијата на улицата Благоја Стефковски ќе го опфати потегот од свртувањето кон улицата Перо Наков до Кино „Маџари“, во должина од околу 850 метри.

- Минатата година, во првата фаза, го реконструиравме потегот од Триангла до свртувањето кон улицата Перо Наков. По завршувањето на втората фаза ќе започнеме со реализација и на третата фаза од реконструкцијата на оваа улица која е предвидено да биде на потегот од Кино „Маџари“ до пругата Скопје - Белград, со што главната улица која ги поврзува населбите Маџари и Ченто ќе биде целосно реконструирана – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Вредноста на договорот за реконструкција на овој дел од улицата Благоја Стефковски изнесува околу 13,4 милиони денари со пресметан ДДВ, а рокот за изведба е 60 дена.

Шилегов упати апел до граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа делница и на дневна основа да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќај што ги објавува Градот Скопје. Реконструираните улици, додаде тој, се побезбедни за сите учесници во сообраќајот, го продолжуваат рокот за амортизација на возилата и со тоа им заштедуваат средства на граѓаните.

На почетокот на градежните работи за реконструкција на оваа делница од улицата Благоја Стефковски присуствуваше и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски.