ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВ СЕ СРЕТНА СО ПОЖАРНИКАРИТЕ 27.10.2020

Градоначалникот Шилегов денеска имаше средба со пожарникарите, а потоа одржа прес-конференција во дворот на Станицата на Противпожарната бригада во населбата Автокоманда.

- Денеска, како што видовте, со дел од Противпожарната бригада имавме состанок. Јас не сум човек што бега од проблемите и сакам да ги видам сите луѓе што имаат проблем со начинот на исплата на платата на пожарникарите. Овој проблем е стар повеќе од 15 години, мапиран е и лоциран е, направена е работна група, се вршат измени во Законот за пожарникарство, коишто треба да стапат на сила во јуни 2021 година, каде што дел од барањата што ги имаат пожарникарите ќе добијат законски основ. Во меѓувреме секој од пожарникарите, по своите поединечни тужби ги добива надоместоците, односно Градот им ја врши исплатата. Со цел да помогнеме да се забрза тој процес или да има законски основ да ги исплаќаме, ние нудиме во тој процес да влезе и медијација, со цел некаде во јуни месец 2021 година, кога ќе стапи на сила Законот, едноставно до тогаш да не бидат пожарникарите оштетени - изјави Шилегов по средбата со пожарникарите.

На средбата со пожарникарите градоначалникот Шилегов нагласи дека Градот не е институција што носи закони, но ги има мапирано и лоцирано проблемите и во рамките на Министерство за одбрана, Министерство за финансии, Министерство за локална самоуправа, како и ЗЕЛС, работната група го работи текстот и законот што треба да стапи на сила 2021 година.

Исто така, тој појасни дека  не станува збор за недостаток на волја, туку станува збор за недостаток на законски основ за да може да се исплаќа платата така како што бараат пожарникарите.