ОТВОРЕН НОВ ЦЕНТАР ЗА ГРИЖА ЗА КОРИСНИЦИ НА ЈП „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ 29.5.2020

Денеска е отворен Центар за грижа за корисници на ЈП „Комуналана хигиена“ во управната зграда на претпријатието зад поранешен Скопски саем. На отворањето на Центарот присуствуваа директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани, директорот на ЈП Водовод и канализација Душко Весковски и градоначалникот Петре Шилегов, кој се обрати пред  присутните.

-  Чест ми е што денеска  на граѓаните  на Скопје ќе им претставиме една новина, знаете и сами дека и во рамките на комуналната сфера Градот постојано се менува и се искачува на повисоки нивоа, особено кога е чистотата на јавниот простор и кога е комуналниот отпад во прашање.  ЈП Комунална хигиена денеска и официјално го отвора  новиот Центар за услуги на корисници,  каде што граѓаните ќе можат да бидат услужени за делот од услугите коишто ги дава комуналното претпријатие што не се однесуваат на  плаќање на обврски коишто редовно доаѓаат заедно со сметките од ЈП Водовод и канализација, туку за другиот вид на услуги што  јавното претпријатие ги дава на физички или правни лица. Ова е добра можност да промовираме дека влегуваме во една сериозна борба како Град и Комунална хигиена, како јавно претпријатие, со недозволеното депонирање кабаст отпад. Во текот на минатата недела подигнавме околу 500 м3 непрописно фрлен отпад, од кои најголем дел е кабаст отпад, што е и казниво. Ние веќе ја даваме таа услуга, а граѓаните овде  ќе можат да се информираат за таа услуга и наместо кабастиот отпад да го фрлаат непрописно и да ризикуваат да бидат казнети да ја искористат, а сега кога паралелно ја даваме таа услуга ќе можеме и да ги засилиме инспекциските надзори и казнената политика по однос на фрлање таков отпад – рече Шилегов.

 Тој додаде и дека Центарот за  услуги на корисници ќе ги решава проблемите на граѓаните на самото место и  нема да работи на принцип на поднесување на барање и разгледување на истите, туку на самото место службите на Комунална хигиена ќе ги решаваат прашањата што на пријава што на одјава за зголемување или намалување на квадратурата што треба да биде предмет на услуги на јавното претпријатие.

- Ова е и добар начин да ја покажеме соработката на јавните претпријатија на ниво на Градот Скопје, бидејќи овде постои еден  електронски пункт на Водовод, така што граѓаните со едно доаѓање ќе можат да ги  платат обврските  кон Водовод и да си ја  завршат работата за којашто се дојдени. Градот влегува во дигитализација, овде конкретно во Комунална хигиена и во Водовод се завршени постапките на јавни набавки и очекувам дека некаде од 1 јули годинава ќе стартуваме со електронска достава на сметките и можност за електронски плаќање со што би се избегнале и чекањата и редовите и полека, полека Градот да го внесуваме во една поинаква сфера- кажа Шилегов.

Тој додаде дека Градот Продолжува и кампањата за бесплатно подигање на стрништа и отпадот после берба на земјоделските производи, како дополнителна мотивација годинава Градот нуди и  можност за секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад. Нагласи дека оваа кампања годинава ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион, од причина што сите го дишеме истиот воздух.

Директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани  го изрази своето задоволство од отворањето на новoто Одделение за грижа за корисниците бидејќи на тој начин граѓните ќе можат побрзо и полесно да дојдат до бараните информации.