ГРАД СКОПЈЕ ОБЈАВИ КОНКУРС ЗА ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА 3 ЛЕТНИ СЦЕНИ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК 30.5.2020

Градот Скопје објави конкурс за избор на 3 (три) партерни идејни решенија за „Летна отворена сцена“ на 3 (три) локации во зелениот појас на Градскиот парк. Целта на оваа иницијатива е со дефинирање на локациите на Летната отворена сцена  во партерното уредување да се зголемат содржините во паркот и на тој начин да стане еден несекојдневен природен амбиент, поинвентивен и попривлечен за посетителите.  Град Скопје преку своите активности континуирано работи на подигање на квалитетот на урбаното планирање на Градскиот парк

Идејните решенија се однесуваат на следните 3 локации:

- Локација број 1 : Површина во Градски Парк Скопје , која се наоѓа во првиот дел на паркот, односно во непосредна близина на езерцето;

- Локација број 2 : Површина во Градски парк Скопје,  која се наоѓа спроти Сточарски институт;

- Локација број 3 : Површина во Градски парк Скопје ,  која се наоѓа во вториот дел на паркот, односно во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак Кану клубот „Илинден 90.

Предмет на работа на конкурсот е партерно уредување на Летна отворена сцена која треба да претставува тридимензионален материјален исказ поставен во отворен простор. Идејата на овој проект е преку партерно уредување на локациите да се предвидат позиции на кои би се поставиле монтажни бини во рамките на Летната отворена сцена со што ќе се направи интерактивно место на кое ќе се одржуваат културни манифестации на отворен простор и ќе овозможи поголем пристап на посетители кои ќе посетуваат одреден вид на настани од областа на културата.

Исто така, идејата е да се запази природниот амбиент на наведените 3 (три) локации на кои ќе се постави оваа летна сцена, односно, да се искористат рељефните содржини на самите локации за поставување на гледалиштето наспроти сцената.

Партерното уредување на  Летната сцена, особено треба да се одликува со високи естетски вредности.

Идејните решенија треба да се достават најдоцна до 16.06.2020  година во 12:00 часот во Град Скопје - Барака 1а.

На конкурсот ќе бидат доделени три главни награди во бруто износ од 70.000 денари за секоја локација.