РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СТРАНИЧНОТО ЗЕЛЕНИЛО НА БУЛЕВАРОТ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕДИ ВО КАРПОШ 30.8.2021

На барање на жителите на Општина Карпош Градот Скопје ќе го обнови зеленилото на булеварот Партизански одреди, на потегот од крстосницата со улицата Московска  до крстосницата со улицата Париска.

- Градот Скопје денеска почнува со есенската акција за обновување на зеленилото во нашиот град. Почнуваме овде на булеварот Партизански одреди, на потегот од улицата Московска до улицата Париска, на површина од околу 4.000 квадратни метри. Ова зеленило беше сериозно запуштено, имајќи предвид дека во минатото било само засадено без соодветни системи за одржување. Сега, на оваа површина ставаме целосен систем „капка по капка“ што ќе овозможи развој на вегетацијата и подигнување на стандардите за квалитет на зелените површини, како и одвојување на пешачкиот од велосипедскиот сообраќај – рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.

Тој нагласи дека за Градот Скопје урбаната мобилност, алтернативните начини на движење и зазеленувањето на градот немаат алтернатива.

- Оваа есенска акција за зазеленување ќе се одвива до крајот на ноември. Градот Скопје само оваа година има обновено и подигнато нови над 120.000 квадрати зеленило – рече Шилегов.

На денешната прес-конференција присуствуваше и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски.