БЛАГОДАРНИЦИ ЗА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА УСПЕШНО СПРОВЕДЕНИ КРВОДАРИТЕЛСКИ АКЦИИ 31.03.2021

Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст денеска доделија благодарници на четири средни училишта на Град Скопје кои во текот на изминатава година на светска пандемија успешно организираа крводарителски акции. Благодарници добија средните училишта „Васил Антевски Дрен“, „Панче Караѓозов“, „Цветан Димов“ и „Орце Николов“. За несебичната поддршка при организирањето на крводарителските акции благодарници добија и градоначалникот Петре Шилегов и раководителката на Секторот за образование во Град Скопје, Даниела Адамова.

- Јас сум човек што длабоко верува во хуманоста и во човечноста. Како градоначалник сум горд што институциите со кои ние раководиме како Град Скопје, во услови на пандемија, во услови на нередовно работење и онлајн настава за учениците, сепак успеавме да организираме повеќе од 200 средношколци во текот на изминатата година да ја дадат својата крв со која верувам дека се спасени барем толку животи. Велат дека кога ќе спасиш еден живот, си го спасил целиот свет. Особено сум горд на свеста и на совеста на нашите најмлади сограѓани, на нашите средношколци, кои во вакви услови и без личен бенефит покажаа и докажуваат дека Скопје е град на солидарноста, а скопјани се граѓани на солидарноста. Овие деца знаеја да препознаат колку е неопходна нивната помош. Благодарност до Црвениот крст на Република Северна Македонија, до Црвениот крст на Град Скопје, до Институтот за трансфузиона медицина, до директорите на средните училишта и до средношколците. Верувам дека оваа соработка меѓу нас ќе се продлабочи – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Денешните благодарници ги додели директорот на ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина, д-р Садула Усеини, во име на Институтот и на Црвениот крст.

На доделувањето на признанијата што се одржа во дворот на СУГС „Васил Антевски Дрен“, присуствуваа и Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија и директори на средните училишта.