Арсовска: Град Скопје формираше Еко совет кој ќе работи во насока на зголемување на зелени површини 31.1.2022

Градоначалничката  на  Град  Скопје,  Данела  Арсовска,  на  денешниот  отчет  за реализираните ветувања  за  првите 82 дена,  истакна дека  за  да  се  изнајдат вистински системски решенија за решавање на големиот број проблеми поврзани со животната средина се формираше Градскиот еко совет - Зелен совет, дополнувајќи дека екологијата е тема којашто до сега била на маргините, а граѓаните се сведоци дека во   изминатите  четири години ништо не   е  преземено со  цел намалување на загадувањето во градот.

Арсовска, како  што  образложи  на денешната  прес- конференција, главна  цел  на  овој Совет  е  да  ја   подобри   заштитата   на   животната   средина   во   градот,   да   креира политики  за   спроведување  активности   за  поставување   системски  решенија   за намалување на загаденоста, како и поставување  нови стандарди за заштитата на животната средина.

„Градскиот   еко  совет  кој   го   формиравме  го   сочинуваат  дваесет   и   пет   експерти, професори   и   претставници   на   граѓански организации од   областа   на   урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот, енергетиката и заштитата на   животната   средина.   Тој   има   за   цел   креирање   политики   од   областа   на екологијата, сообраќајот, урбаното планирање на градот, да предлага стратегии и да дава совети за иднината на развојот на Скопје“, рече Арсовска.

Градот  Скопје  иницираше и   предлог-закон  за  заштита  на Водно  со  што  конечно правно  ќе  се  регулира  заштитата, а како  што  истакна  Арсовска, Водно и Скопје  се неразделно поврзани.

-  „Во  насока  на  заштита  на  животната  средина   и   спречување  на  насилната   и нелегалната  урбанизација,  инициравме  предлог-закон  со цел  прогласување на  Водно за  заштитена  парк  шума.   Ова  го  направивме  во  соработка  со  претставници  на граѓанските  здруженија „Го  сакам  Водно“ и „Иницијативата O2“. За  Водно  мора  да има  системско  решение  и  овој  закон е единствен  начин  да се добие конечно такво решение. Во соработка со граѓанските организации воедно започната е постапката, а Град Скопје во својата програма за 2022 година издвои средства за изработка на Просторен план за Заштитен предел – Водно, истакна Арсовска.

Воедно, потенцирано беше дека насилната и нелегална урбанизација, апетитите  на малкумина го загрозуваат овој зелен штит на градот. Затоа Град Скопје се обврза на мерки да  се зачува парк  шумата Водно, со обезбедување дополнителен  степен на заштита на ова парче природа кое значи живот за Скопје и скопјани.