Арсовска: Градски паркинг ја намали цената, со системски мерки ќе го решаваме сообраќајниот хаос во Скопје 31.1.2022

Денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на прес- конференција презентираше реализирани активности кои  беа ветени за првите  82 дена од мандатот, и притоа  се осврна и на ветувањето за намалување на цената на паркинзите, одлука што  стапува на сила од 1-ви март годинава.

-Поднесовме иницијатива по која Управниот одбор на јавното претпријатие Градски паркинг на 28.01.2022 донесе одлука за намалување на цената за паркирање на градските паркинзи во Скопје од 01.03.2022 година, со што уште едно од барањата на граѓаните е исполнето. Воедно, јавното претпријатие со планираните нови катни и монтажни паркиралишта во Чаир, Аеродром, Центар и Кисела Вода, согласно со програмата во идниот период, ќе овозможи паркирањето во Скопје не само да биде поевтино, туку да биде и подостапно за граѓаните - истакна Арсовска.

-Ветивме дека ќе ги вратиме одбројувачите на семафорите и дека ќе ги вратиме функционалните зелени бранови, тоа и го направивме. Исполнето е ветувањето за поставување на бројчаници на семафорите, на крстосниците каде што  не се следи движењето од ЦУКС. Поставени се бројчаници на булеварот Христијан Тодоровски Карпош на семафорот на крстосницата со Натанаил Кучевишки, на крстосницата со Боца Иванова и на крстосницата со бул. Босна Херцеговина, а одбројувачи ќе бидат поставени дополнително и на семафори за кои е детектирано дека се од важност за регулирање - рече градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која денеска на прес-конференција презентираше активности реализирани во првите 82 дена од мандатот.

Поради зголемен број на реакции на граѓани кои пристигнувале до отворената канцеларија на Градот, Град Скопје во соработка со Јавното претпријатие Улици и патишта спроведе акција за нивелирање на шахтите низ булеварите и на  коловозите во надлежност на Градот.

- Досега во првите 82 дена се нивелирани 62 шахти, со цел за подобро одвивање на сообраќајот во Скопје, како и намалување на оштетувањата на возилата на кои алармираат граѓаните, затоа што во минатото не биле соодветно поставени шахтите по должината на коловозите. Оваа активност продолжува, при што редовна пракса ќе биде повеќе да нема неквалитетно изведени шахти на коловози при градба или реконструкција - заклучи  градоначалничката Арсовска.