Арсовска - Над 150 диви депонии на територијата на Скопје се исчистени, продолжуваме да постапуваме по пријави и со казни за загадувачите 31.1.2022

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес- конференција даде отчет за реализираните проекти кои се дел од нејзината програма за првите 82 дена од градоначалнички мандат.

За еден од приоритетните проекти, за кој се обврза дека ќе се насочи уште во првите денови од мандатот, чистењето на дивите депонии на територијата на град Скопје, таа потенцираше дека на истиот се работи во континуитет, а во овие 82 дена се исчистени над 150 диви депонии, од кои 120 се детектирани депонии за време на кампањата, но и диви депонии за кои пристигнале пријави од граѓани.

„За овие 82 дена успеавме да исчистиме над 150 диви депонии, покрај мапираните 120 кои беа детектирани за време на кампањата. За прв пат по децении во Скопје се спроведe акција за чистење на дивите депонии каде што се согоруваше опасен отпад, што претставуваше извор на загадување на воздухот, почвите и подземните води со што директно се влијае на квалитетот на живот на граѓаните. За да им овозможиме увид на граѓаните креиравме наменски линк со мапираните диви депонии, а воедно и почнавме со постапување по пријави за нивно чистење. Оваа акција спроведена од Град Скопје на чистење на диви депонии е најмасовната акција од овој тип која била спроведена некогаш во Македонија, вели градоначалничката Арсовска.

Арсовска истакна дека на дел од површините каде што постоеле диви депонии планирани се нови зелени површини, а Градот започнал и со зачестени контроли на редовен и вонреден неселективен инспекциски надзор и воспоставување на системски решенија, со што секое физичко или правно лице кое загадува и со тоа директно влијае врз загадување на воздухот, почвата и подземните води со фрлање и согорување на опасен отпад и шут, ќе биде казнето со високи глоби.

- За прв пат неселективно се изрекуваат драконски казни за загрозување на животот и здравјето на граѓаните. Градот Скопје со стратегија за превенција, започнува со имплементација на системско решение кое опфаќа фото документирање на загадувачите, работа во смени на инспекторатот со цел санкционирање на сторителите, снимање со дрон со цел детекција на депонии и обиди за нивно палење, но и активен систем за пријави од граѓани со цел итна реакција за превенција на загадувачите и нивно неселективно казнување, дополни таа.