Соопштение за јавност 14.12.2023

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е учесник на настан по повод 10-тата Конференција при Конвенцијата на Обединетите нации против корупција, чиј домаќин се САД и со која претседава Координаторот на Стејт Департментот за глобална антикорупција Ричард Нефеј.

На покана на организаторите со обраќање како лидер на локално ниво во градење доверба и спречување на корупцијата, Арсовска учествува заедно со извршниот директор на Мрежата на силни градови Ерик Росанд и директорката на програмата за владеење на право на Картер Центарот од САД Лаура Њуман.

Градоначалниците и локалните самоуправи играат клучна улога во спречувањето на корупцијата и промовирањето на доброто владеење. Тие се уникатно позиционирани да градат доверба и да ја зајакнат демократијата, од достапност на информации за јавноста до воспоставување механизми за учество на граѓаните, вклучително и за најмаргинализираните категории. Говорниците споделија како се унапредуваат мерките за превенција, вклучително и промовирање на интегритет и ефикасно управување со јавните институции.

На заедничката конференција на САД и Обединетите нации учествуваат лидерите на 190 држави членки, како и претставници од меѓународните организации, граѓанското општество, младите луѓе и приватниот сектор од целиот свет.

За време на Конференцијата во Атланта, САД, глобалните лидери ќе ја промовираат имплементацијата на Конвенцијата против корупција, со што се продолжува трасирањето на патот за меѓународната заедница во спречувањето и борбата против корупцијата.

Со Конференцијата се одбележува две-годишнина од Стратегијата на САД за борба против корупцијата и 20-годишнина од Конвенцијата на Обединетите нации против корупција.