Соопштение до јавноста 19.2.2024

Уште еднаш на дело се покажува корумпираната и непринципиелна коалиција на двоецот Мицкоски-Заев, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција.

Во Советот на Општина Ѓорче Петров шверцерски во неработен ден, сабота беше изгласан Детален урбанистички план кој предвидува изградба на бетонско чудовиште составено 50 згради на станбена површина од 240.000м2.

-На 17.02.2024 година во сабота, на вонредна седница на Советот на општина Ѓорче Петров, спротивно на сите процедури и со кршење на повеќе закони изгласан е Детален урбанистички план со кој се предвидува изградба на бетонски монструм составен од 50 згради, од кои согласно планот CЗ 16 предвидена е изградба на 240.000м2 станбена површина, од кои една п-20-пк, една п-17-пк катница, четири 14-катници, две 12-катници, шест 9- катници,седум 7- катници, и уште десетина помали згради, рече Арсовска.

Најскандалозно е што со овој ДУП, Општина Ѓорче Петров овозможила изградба на три нови индустриски и деловни капацитети од хемиската индустрија и тоа на површина од преку 157.000м2.

-Но, она што загрижува повеќе е фактот што со планот се предвидува и изградба на три индустриски и деловни капацитети од хемиската индустрија и тоа на површина од преку 157.000м2. Ова е недозволиво. Ниту јас, ниту администрацијата во градот Скопје нема да дозволиме ова да помине неказнето. Нема да дозволиме ваква еколошка и безбедносна катастрофа да се издигне во сред град, потенцираше Арсовска.

Овој ДУП е донесен во спротивност на Законите, Генералниот урбанистички план и при неговото носење не се почитувани соодветните процедури.

-За ситуацијата да биде уште потрагична, носењето на овој Детален урбанистички план е во целосна спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Генералниот урбанистички план,  а донесен е и без почитување на соодветните процедури, додаде таа.

Се работи за план кој нема добиено согласност од Градот Скопје и по две негативни мислења од градската администрација градоначалникот Александар Стојкоски одлучил кршејќи го законот да го прескокне градот и за планот да одлучува Министерството за транспор и врски.

-Имено, општина Ѓорче Петров на вонредна седница на Советот на општината во сабота на 17.02 го ставила овој план пред советниците во општината, иако градоначалникот знаел дека за истиот план нема добиено согласност од Градот Скопје. Да бидам попрецизна, за овој план во два претходни наврати Градот Скопје дал негативно мислење и забелешки кои општината била должна да ги отстрани и повторно да го испрати Деталниот урбанистички план на одобрување во градот. По две негативни мислења, градоначалникот Александар Стојкоски одлучил кршејќи го законот да го прескокне градот и планот како конечен да го испрати на одобрување во Министерството за транспорт и врски со кое министерува Благој Бочварски, човек поставен од Зоран Заев, заклучи Арсовска.