Соопштение за јавност 27.12.2023

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со екипите од Секторот за планирање и уредување на просторот и јавното претпријатие Улици и патишта Скопје, извршија увид во градежните работи на улицата Калош Дани во општина Карпош.

Со реконструкцијата на оваа улица, која се реализира со меѓуопштинска соработка со Општина Карпош, продолжуваат активностите за подобрување на сообраќајната мрежа во овој дел на Скопје.

Со реализација на големиот број на капитални инфраструктурни проекти се овозможува подобра поврзаност и мобилност на граѓаните, како и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот. На оваа локација, покрај изградбата на клучката кај Момин Поток и новата кружна крстосница помеѓу булевар 8 Септември и улица Скупи, потребно е да се изврши и реконструкција на секундарната сообраќајна мрежа. На барање на граѓаните кои секојдневно се движат на овој потег во населеното место Момин Поток, се реконструира улицата Калош Дани која е во катастрофална состојба и нејзината реконструкција е од големо значење за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ работат на коловозот во вкупна должина од околу 2.000 метри, а предвидена е и изведба на велосипедски и пешачки патеки. Истовремено во населбата Криви Дол во Карпош се градат и две новопроектирани улици со кои дополнително се подобрува секундарната сообраќајна мрежа во овој дел на општината. Градот Скопје продолжува да  инвестира во сообраќајната инфаструктура со цел граѓаните да добијат безбедни улици како една од главните определби од програмата За модерно Скопје.